Цената на становите во метрополата вртоглаво расте. Во Центар и Карпош стигна до 1.600 евра квадрат, а наскоро таа може да се качи и до 2.000 евра- алармираат градежниците, анализира Вечер.мк

Според нив, немањето доволни локации за градење во атрактивните зони, блокирањето на ДУП-ови во некои општини,како и неносењето нови ДУП-ови за формирање нови локаци по општините се главните причини за стаганција во градежниот сектор.

,,Нема нови градби, се е запрено и затоа се зголемува цената на недвижностите”-велат од стопанските комори.
Салим Хасани, претседател на Групацијата на градежништво при Стопанската комора на Северозападна Македонија на стартот на годинава ги повика новите градоначалници да ги откочат детално-урбанистичките планови.

Тој потенцираше дека намалување на новите градби и зголемувањето на цената на локаците директно влијае на цената на становите. Како друга директна причина е порастот на цените на градежните материјали и енергентите, каде што порастот е од 20 до 100 проценти.

„Вртоглавиот“ раст, како што го квалификуваат носителите на бизнисот со недвижности, се должи на немањето доволно локации за градење, блокираните детални урбанистички планови и неносењето нови, порастот на цената на градежните материјали, но и на работната сила, која сè почесто заминува во странство.

Додека општините не носат нови планови, цената на становите во Скопје бележи постојан раст од почетокот на годинава. Според официјалната статистика метар станбена површина во општини како Центар и Карпош наскоро ќе стигне и до 2000 евра за квадрат.

Во услови на голема побарувачка, како што велат, понудата во одредени подрачја е намалена поради мораториумите за градење во изминатите години.

Градежните компани во периодот на ковид-пандемија, работеа со намален интензитет. Поголемиот развој, зависи од отворањето нови инвестиции за стандардни градби, кои се неопходни да ги има во континуитет.

,,Сè помалиот број на локации не оди во прилог на развојот на оваа многу важна гранка на економијата. Енормното покачување на цените на речиси сите компоненти од градбата кај инвеститорите создава резерви при планирање на идните градби, прашање е дали куповната моќ ќе може да го следи овој тренд на пораст на цени.

И по логика, ако имаме намален број градби, ќе имаме поскапување на цените на становите, а од друга страна, намалување на обемот на работа за градежниците. А со тоа и неможност да ја задржиме работната сила, која секој ден ни бега во странство. Така што наша сугестија е да се отворат што повеќе можности за градба, ќе биде подобро за сите, ќе имаме поголем развој, вбризгување повеќе пари во економијата, поевтини станови и поквалитетно живење” изјави Хасани.

Од Здружението на градежништвото при Стопанската комора на Македонија посочуваат дека прогнозите на градежните компании се остваруваат, цените на становите од почетокот на годината бележат евидентен раст, особено во подрачјата што се сметаат за атрактивни локации. Растот на цените на становите, се должи на повеќе фактори, во најголем дел на поскапувањата на градежните материјали, меѓутоа и на генералното поскапување на услугите, репроматеријалите и другите добра.

– Побарувачката е голема, со оглед дека недвижностите се покажаа како сигурна инвестиција за време на коронавирус-кризата. Граѓаните го препознаа инвестирањето во недвижностите како креирање додадена вредност во нивните буџети особено во време на тивка инфлација, поради што сметаме дека побарувачката нема да опадне и недвижностите ќе бидат атрактивни и во следниот период. Понудата во одредени подрачја е очекувано намалена поради мораториумите за градење изминатите години, велат од Здружението за градежништво, индустријата на градежни материјали и неметалите.

Градежната фела се залага за подигнување на квалитетот на градбите.Велат и граѓаните треба да се стремат кон купување на квалитетни градби и квалитетот да ја одредува цената, со цел да не настане ситуација во услови на намалена понуда на станови на одредени подрачја, цената да ја одредува исклучиво зголемената побарувачка за градби на атрактивни локации.
Анализирано според локации, побарувачката за недвижности расте за општините Центар, Карпош, Аеродром.

Ивица Јакимовски, претседател на Градежната комора посочува дека деловната активност во полето на високоградба во последните четири години има тренд на постојан пад што се должи на ограничувачките фактори кои предизвикаа сериозни, материјални и нематеријални штети за компаниите, поради мораториумот за градба и суспендирањето на деталните урбанистички планови.

За да има подобрување во позитивна насока, неопходно е да се почитуваат законите, пред се Законот за градење и Законот за урбанистичко и просторно планирање, што ќе придонесе за креирање на позитивна бизнис клима за развој и инвестиции.
Градежниот сектор е подготвен да го промени трендот, со цел да се излезе во пресрет на потребните на граѓаните, доколку се создадат услови за да може да почне со засилена деловна активност, потенцира Јакимовски.

Вкупната економска криза особено удри врз градежниот сектор во земјава, а државата има механизам да ги ублажи проблемите, како што веќе мерки се преземени во некои од државите од регионот.На потег според градежниците е државата и општините кои заеднички со градежните компании може да помогнат за полесно закрепнување на домашната економија.