Во Собранието и денеска продолжува дебатата за предложените законски измени поврзани со проектот за изградба на четири автопатски делници на коридорите 8 и 10д. На пленарна седница треба да продолжи расправата за предложените измени и дополнувања на Законот за урбанистичко планирање, а во Комисијата за европски прашања за измените на Законот за експропријација.

И во вчерашната дебата во Собранието доминираа критиките од опозицијата, за нетранспарентност поради необјавениот Договор со изведувачот, американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, за злоупотреба на европското знаменце за постапката за носење на законите бидејќи не се дел од реформските процеси, за вредноста на проектот која тврдат дека ќе надмине две милијарди евра.