Семејствата одбиваат, здравствените тимови апелираат
Во последните два месеци, шест семејства одлучиле да не дозволат да бидат донирани органите на нивните починати блиски. И покрај објаснувањата од координаторите за трансплантација дека со овој хуман чин може да се спасат животи на пациенти кои чекаат бубрег, срце или црн дроб, семејствата не ја променија одлуката.
– Жално е кога сите тимови се подготвуваат за трансплантација, а на крај семејството одбива. Апелирам секој да размисли за себе, да разговара со своето семејство и да го искаже својот став за органодарителство после смртта. Нема ништо поблагородно од тоа да се спаси човечки живот во момент кога еден живот згаснува, вели проф. д-р Билјана Кузмановска, Национален координатор за трансплантација.
Идни промени во законот за трансплантација
Здравствените власти планираат измени на Законот за трансплантација за да се зголеми бројот на донирани органи од починат донор. Наместо сегашниот систем со претпоставена согласност, каде семејството има последен збор, ќе се воведе регистар. Секој граѓанин ќе може да се изјасни кај својот матичен доктор дали сака неговите органи да бидат донирани по смртта.
– Мислам дека законот до крајот на април ќе биде во собраниска процедура и ќе биде изгласан, со што ќе се олесни пристапот до донори, изјави Азир Алиу, министер за здравство.
Промени ќе има и кај трансплантациите од жив донор. Органи ќе можат да донираат и први братучеди, наместо само членови на потесното семејство до трето колено. Според Клиниката за нефрологија, ова ќе помогне да се намали бројот на пациенти на дијализа, кои во моментот се околу 100 чекајќи бубрег.
– Пациентите со трансплантиран бубрег имаат многу поквалитетен живот отколку оние на хемодијализа, вели д-р Никола Ѓорѓиевски, директор на Клиниката за нефрологија.
Во Македонија околу 1.800 луѓе се зависни од дијализа, а со 14 проценти трансплантирани пациенти, државата е далеку од европскиот просек кој достигнува до 60 проценти.
