До понеделник ќе се прифаќаат забелешки, потоа законот оди во владина процедура
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, најави дека сите издржани и аргументирани забелешки за новиот закон за високо образование ќе бидат разгледани пред неговото финализирање. Таа посочи дека законот ќе биде затворен во понеделник и потоа ќе биде доставен во владина процедура.
„Во понеделник законот ќе биде затворен и ќе биде даден во владина постапка. До понеделник сѐ што е сериозен приговор и сѐ што е стигнато веќе ќе се разгледа. Во изминатиот период од академската заедница увидоа дека многу од забелешките кои ги дадоа се прифатени. За некои од нив јас лично не се согласував, но комисијата одлучи дека треба и ние ги прифативме. Доколку до понеделник има разумно образложени било какви забелешки, до понеделник вечер ќе може да се направи некоја дополнителна измена“, рече Јаневска.
Таа истакна дека новите решенија имаат за цел да воведат ред во високото образование и да ги отстранат постојните неправилности. Воедно, посочи дека во изминатиот период биле констатирани бројни проблеми во функционирањето на дел од институциите.
Затворени 14 институти, откриен случај со обложувалница
Министерката нагласи дека во изминатиот период биле затворени 14 приватни институти поради неправилности. Таа како пример го наведе случајот со институт кој бил регистриран во простории на обложувалница и работел во несоодветни услови.
„Ќе ве потсетам дека ние во изминатиот период затворивме таканаречени 14 приватни институти. Зошто таканаречени? Најбруталниот пример беше кога комисијата од МОН отиде да направи увид на еден институт. Тој беше регистриран во кладилница, во задната просторија на обложувалница, каде што институтот требаше да ги обавува своите функции на две столчиња и два душека и тој беше веднаш затворен, а вработени беа двајца луѓе и беше прекршен законот инаку не ќе можевме да го затвориме. Значи, тоа е најбруталниот пример кој ви го кажувам. Има и полесни примери, но ние водиме 34 високообразовни институти, установи во земјава, и вакви работи се апсолутно недозволиви, затоа што под називот приватен институт де факто се обавуваат други функции, како што еве примерот со обложувалницата“, рече Јаневска.
Нови критериуми и барања за академски кадар
Министерката посочи дека новите законски решенија се базирани на анализи на европски закони и практики. Според неа, целта е да се подобри квалитетот на високообразовната и научната дејност во земјата. Таа нагласи дека институциите ќе мора да обезбедат соодветен академски кадар и да ги исполнат поставените критериуми.
„Не се критериумите нешто што министерот, работната група арбитрарно ги измисли. Ние направивме сериозна анализа на многу закони во Европа и надвор од Европа и заклучивме дека ова се мерки кои ќе се значајни и потребни за да се подигне квалитетот на високообразовната, но и научната дејност во земјата. Да, можно е да е тешко да се обезбедат 10 доктори на науки, но со оглед дека продукцијата на доктори на науки пак беше висока, им препорачувам да си најдат од тие што чесно ги завршиле тие студии да си вработат луѓе, наместо да ги злоупотребуваат. Денес ги примаат десет, поминува институционалната акредитација и пет ги отпуштаат од истиот факултет. Тоа исто така не е во ред и за тоа сме свесни. Во моментот законот за високо образование ја направи единствена академската заедница. Значи, ако по овие критериуми бидат избрани на УКИМ, истите критериуми важат на УГД, истите критериуми важат на ДУТ и тогаш може да има циркулација на професори и на научен кадар“, рече Јаневска.
Таа додаде дека институциите во првичниот период ќе можат да ангажираат кадар кој ги исполнува условите, а потоа постепено да го обезбедат потребниот персонал. Воедно, нагласи дека квалитетот мора да се гради преку реална работа, а не преку злоупотреби.
„Оти кадар се создава со сериозна работа, а не преку купени дипломи. И мислам дека ме разбравте дека тоа е неопходно на земјата“, рече министерката.
Дополнително, таа информираше дека за стекнување докторска титула потребно е кандидатите да имаат најмалку два објавени труда, како и дополнителен труд доколку претходно магистрирале.
„Значи, за да објави, за да ја одбрани докторски, докторски труд, треба да има најмалку два објавени труда и ако магистрирал претходно, а требал да магистрира и во тој период треба да има одбранет еден труд. Тоа се три труда и тие веќе ги исполнуваат условите“, истакна министерката.
