Граѓаните во земјава се револтирани по трагичната смрт на 22-годишната Фросина Кулакова, која беше прегазена на пешачки премин од возило што го управувал 20-годишниот В.Ј. Бараат законски измени за поголеми казни во сообрачајот. Овој настан предизвика бурни реакции и протести, и тоа не само на местото на несреќата, туку и пред Собранието и Кривичниот суд, како и во родниот град на девојката, Неготино.
Граѓаните излегоа на протест за Фросина Кулакова – Радио Лидер на терен
Потреба од соодветна одговорност и санкции
Гневот на јавноста е разбирлив, а политичарите ја споделуваат загриженоста и повикуваат на соодветно санкционирање на виновните. Според нив, секој дел од системот треба да ја понесе својата одговорност, а властите најавуваат законски измени која би ја заострила казнената политика во сообраќајот.
На осомничениот за смртта на Фросина му е одреден притвор од 30 дена, а Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје објасни дека тој поминувал на црвено светло, бил без возачка дозвола и под дејство на алкохол. Тој ја прегазил Кулакова додека таа ја преминувала обележаната пешачка лента на бул. „Партизански Одреди“.
Пратеникот Стојановски најавува јавна дискусија за законски измени
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски, најави дека следната недела ќе започне јавна дискусија во Собранието за промена на квалификациите за сторителите на вакви дела. Тој изрази загриженост дека системот не функционира како што треба, што дозволува лицата со претходни кривични дела да се движат по улиците, создавајќи опасност за останатите граѓани.
Стојановски истакна дека правосудниот систем има сериозни недостатоци и дека треба да има законски измени и кои ја дефинираат казнената одговорност. Според него, ако судиите продолжат да имаат можност за различно толкување на законите, овие трагични инциденти ќе продолжат да се повторуваат.
Крај на толкувањето и прогледување низ прсти
Тој додаде дека треба да се интервенира во законите со цел да се елиминираат дупките што дозволуваат прогледување низ прсти за оние кои имаат влијание во правосудството. За Стојановски, важно е законите да бидат толкувани еднакво за сите, без оглед на социјалниот статус или врските во правосудниот систем.
Со овие најавени измени, властите се обврзаа да ја зголемат безбедноста на улиците и да ги заострат казните за сторителите на сообраќајни прекршоци. Сепак, клучно останува прашањето дали законските измени ќе имаат реален ефект врз намалувањето на опасното возење и слични инциденти.