Озлогласениот поранешен градоначалник на Аеродром , Ивица Коневски, покрај адвокатската канцеларија, отвори градежна фирма со дејност „изградба на станбени и нестанбени згради“. – открива порталот Фактор.

Фактор пишува дека во новоформираното претпријатие „Ли Инвестмент“ со седиште во Аеродром, партнер на Коневски му е Левко Наумоски од истата општина, инаку познат како управител на градежната фирма Глиц Груп.

Во скопската чаршија, Конески го има прекарот “Залижаниот”, поради неговата специфична фризура карактеристична за подземјето.

– Имам контакти со купувачи на недвижнини и тоа ќе се обидам да го искористам во бизнисот. Откако ја отворив адвокатската канцеларија, на околу илјада клиенти им помогнав да склучат купопродажни договори. Ова е само почеток и засега немам идеја кои ќе бидат првите проекти што би ги работел, но ќе видиме како понатаму ќе се развиваат работите и колку простор ќе се отвори за тоа. Партнерот е доста искусен во градежништвото и 30 години работи во оваа дејност, изјавил Коневски за Фактор

Инаку, Коневски важеше за жесток критичар на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, а опозицијата му забележуваше дека е близок со поранешниот директор на тајната полиција Сашо Мијалков и дека добива адвокатски хонорари од Општина Кисела Вода.

За него пред година и пол дена се пишуваше дека во десеткатница во Аеродром, чија изградба била одобрена во време додека тој бил градоначалник, станал сопственик на деловен простор од 312 метри квадратни во вредност од 442 илјади евра.

Тој на стартот од 2018 отвори своја адвокатска канцеларија во центарот на Скопје. Коневски, кој е дипломиран правник, претходно никогаш не работел како адвокат. Имаше амбиција по трет пат да биде избран за градоначалник, но на локалните избори 2017 изгуби од неговиот противкандидат од СДСМ, Златко Марин. Во 2006, на само 28 години, ја добива првата директорска функција и застанува на чело на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија (ЈПССДП). За време на неговиот мандат се изградија десетици згради и стотици станови и постојано беше обвинуван од своите политички противници од СДСМ дека наместо заштитник на зеленилото во општината, тој бил во спрега со урбаната мафија.