Сомнежи за злоупотреби во тендери на РЕК Битола

По барање на Основното јавно обвинителство Битола, српските органи замрзнаа имот поврзан со фирмата „Марковски Компани“, чиј сопственик е осомничениот Борче Марковски. Станува збор за десет нови товарни и приклучни возила набавени во 2025 година од правно лице со седиште во Белград, за кое е утврдено дека има поврзаност со Марковски. Обвинителството утврдило дека возилата претставуваат посредна имотна корист од кривични дела кои се дел од тековната истрага.

Замрзнати возила, сметки и недвижности

Од ОЈО Битола информираат дека од српските власти било побарано итно замрзнување на возилата и сефот што го поседува осомничениот во една белградска банка, на што српските органи веднаш постапиле. Во Македонија, пак, се замрзнати околу 30 милиони денари од сметките на Борче Марковски и неговата фирма, како и три стана во Скопје, градежна парцела, гаража и неколку возила. Мерките, како што велат од Обвинителството, имаат цел да се спречи понатамошно прикривање или пренос на имот што може да биде предмет на конфискација.

Притвор за осомничениот и истрага за злоупотреби

На барање на Обвинителството, судијата на претходна постапка му одреди притвор на Марковски, а обвинителството вложи жалба на одлуката за куќен притвор барајќи затворски притвор. Во тек е истрага против осум физички и едно правно лице за продолжени кривични дела поврзани со јавни набавки во РЕК Битола. Петмина службени лица, меѓу кои и поранешниот директор на Комбинатот и раководители во ПЕ Рудници, се сомничат дека ја злоупотребиле службената положба за да му овозможат незаконска корист на „Марковски Компани“. Случајот се однесува на јавна набавка за дислокација на погонски станици од „Осломеј“ во РЕК Битола, која, според обвинителството, се реализирала спротивно на основниот рударски проект.

Извор: Плусинфо