Докторот Жан Митрев испрати отворено писмо до претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Младен Чадиковски во кое го изразува своето разочарување за доделената награда на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) за истражувачката сторијата „Нечиста крв“ во која беа објавени податоци за начинот на којшто се третирале пациенти во приватната болница во сопственост на докторот за време на КОВИД-пандемијата, објави Слободен печат.
Би сакал на почеток да ја истакнам мојата поддршка за истражувачкото новинарство што како Здружение на новинари го промовирате. Се надевам дека ќе успеете да ги одржите високите стандарди на известување во медиумите со подигнувањето на нивото на етика и одговорност на сите чинители во јавниот живот, пишува д-р Жан Митрев.
Во писмото посочува дека со разочарување ја прочитал веста за доделената награда на ИРЛ.
Може да кажам дека не очекував да добие награда сторија каде вината не е докажана и каде очигледно со ваквите постапки сум осуден и пред да заврши судењето. Јас како човек сум сигурен во една работа, дека немам вина во целиот инсцениран случај и затоа се борам да ја докажам вистината и се обратив и на Вас лично да ми помогнете во таа борба. Моето барање беше едноставно, да ги заштитите вашите колеги кои се на линч од нивните колеги поради обидите да ја престават мојата страна на приказната. Тогаш се сеќавам дека ми се обративте дека треба да се објаснам со ИРЛ околу целиот случај. Јас премногу ја ценам вашата професија и сметам дека како претседател на здружението имате обврска кон вашите колеги, но секако и кон јавноста. А јавноста има право да ги знае двете страни од приказната, додава тој.
Потенцира дека не сака да навлегува во причините околу сторијата, каде, како што вели, прикажани се само двајца од над илјада пациенти кои биле третирани во КОВИД одделот.
Не сакам да навлегувам во семејни врски, туку само побарав од Вас став дека никој новинар не смее да биде попречуван во својата намера да објави некаква информација. Најмалку тој треба да биде попречуван од свои колеги, што беше случај во минатото. Очигледно моето барање не е научна фантастика, туку е изразување на поддршка на секој новинар што сака да објави некоја сторија, порача докторот.
Заклучи дека „не е човек што затвора врати“, напротив, ја отворил вратата на Клиниката со цел да помогне на илјадници луѓе.
Јас не сум човек што е конфликтен, туку сум емотивен човек што вложил многу во Клиниката и сум основоположник на приватното здравство во Македонија. Никој од нас не е совршен, но никој од нас не треба да осудува друг. Јас знам дека во случајов немам што да кријам, затоа што не сум направил никаков криминал, никаква злоупотреба, но времето ќе покаже и тоа секогаш покажува кој бил на страната на вистината, а кој на страната на интригите, се вели во писмото.
Истражувачката репортерска лабораторија вчера ја доби втората награда за оваа сторија, по наградата „Никола Младенов“ што минатата недела им ја додели Македонскиот институт за медиуми (МИМ).
Оваа сторија почна да се истражува по пристигнати 24 пријави од граѓани од Македонија и Косово за начинот на лекувањето на пациенти во приватната болница „Жан Митрев“ во Скопје. „Нечиста крв“ е медиумски продукт поткрепен со факти, докази, изјави и интервјуа од релевантни извори и соговорници, работен точно 22 месеца, велат од ИРЛ.
Посочуваат дека проблемот е објаснет на разбирлив начин, придржувајќи се до професионалните и етички новинарски стандарди и заложба да се иницира институционално разрешување на детектираните неправилности.
Сторијата, којашто предизвика лавина реакции во јавноста, додаваат дека е пример за конзистентно и доследно следење на проблематика од висок јавен интерес, со силен новинарски и тимски ангажман.
Тимот на ИРЛ на доделувањето на наградата „Никола Младенов“ порача дека се соочиле со големи предизвици и оти се мета на секојдневни напади од оркестрирани хајки и обиди да ги дискредитираат.
Затоа едно вакво големо признание многу ни значи, затоа што оваа епизода беше исклучително тешка за докажување, беше тешка да се направи и едноставно ни покажа дека граѓаните се подготвени да се борат со нас, особено оние граѓани во институциите кои во нас препознаа партнер. Сакам да кажам не чека уште потешка битка во иднина и многу ни е мило што ја имаме поддршката, истакна Деница Чадиковска, дел од тимот на ИРЛ.