Занаетчиите предупредуваат на сериозни последици
Зголемувањето на минималната плата на 600 евра би довело до затворање голем број занаетчиски дуќани и отпуштање вработени, предупреди денеска Занаетчиската комора – Скопје. Од Комората посочуваат дека ваквиот потег ќе претставува сериозен удар врз занаетчискиот сектор, поради значителниот раст на трошоците за придонеси.
Потребна е законска и одржлива пресметка
Според Комората, минималната плата треба да се утврдува во согласност со законските одредби и врз основа на детална анализа. Претседателот на Занаетчиската комора – Скопје, Горан Ристовски, истакна дека занаетчиите не се против зголемување на минималната плата, но нагласи дека сегашното темпо на континуирано зголемување на трошоците е неодржливо за секторот. Особено, како што рече, треба да се земе предвид состојбата во помалите градови и руралните средини, каде што миграцијата е изразена, а побарувачката за занаетчиски производи и услуги е значително помала.
Ризик од зголемување на цените и затворање бизниси
Ристовски посочи дека за да опстанат и да ја зачуваат ликвидноста, занаетчиите ќе бидат принудени да ги зголемат цените, што дополнително ќе ја намали побарувачката и ќе доведе до затворање голем број занаетчиски бизниси. Тој нагласи дека зголемувањето на минималната плата на 600 евра директно ќе ги погоди и занаетчиите што плаќаат паушален данок по решение од УЈП, како и оние што плаќаат данок по реално остварен приход. Според податоците на Комората, во Скопје работат над 2.300 занаетчии, додека на ниво на Македонија нивниот број е речиси 8.000. Недостиг на работна сила има во сите сектори, но позитивно е, оцени Ристовски, што расте интересот на учениците за дуално образование.
