На средбите неизбежна тема беа последните внатрешно – политички актуелности во државата, но разговорите беа со фокус на евроинтеграивните текови во државата и обидите, но и можностите за придвижување на целокупниот процес.

Од пратениците беше подвлечена силната поддршка за европската перспектива на Северна Македонија, непречен тек на европската агенда на земјата, усвојување на преговарачката рамка и организација на првата меѓувладина конференција. Тие ја нагласија важноста за континуитет на реформите, за потребата од стабилност на државата со цел создавање позитивна атмосфера за отпочнувањето преговори. Беше истакнато дека концептот на мултиетничка и мирољубива држава, посветена преку компромис и дијалог да доаѓа до решенија, се препознава како уникатен и голем успех за Северна Македонија и претставува пример не само за регионот, туку и пошироко. Нагласувајќи го геополитичкиот аспект за важноста на проширувањето на ЕУ со регионот, беше едногласно констатирано дека Западниот Балкан е важен не само за безбедноста и стабилност на ЕУ, туку и за севкупниот економски, политички и општествен напредок на континентот.

На средбата, од страна на известителот, Кјучук, министерот Османи беше информиран за текот на подготовките на новата Резолуција за напредокот на земјата, документ што традиционално, секоја година го изготвува Европскиот парламент.

Во текот на деност, Османи се сретна и со Симон Мордју, дипломатски советник на Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел како и со други високи претставници на ЕУ.

Османи работната посета на Брисел ја заокружи со интервјуа за угледниот бриселски веб сајт „ЕУ Обсервер“ и за „Агенција Европа“, споделувајќи видувања за актуелните внатрешни и надворешно-политички текови во Северна Македонија.