Раководството на Сојузот на стопански комори (ССК) се соочува со закани и притисоци околу функционирањето, во изминатите два месеца упатувани преку телефон и писма, а ноќеска бил запален и автомобилот на извршната директорка, тврди Трајан Ангелоски, претседател на ССК.

Ангелоски на прес-конференција рече дека кон него биле упатени притисоци да си даде оставка од здравствени причини, а кон извршната директорка како да постапува.

Веќе втор месец јас лично добивам закани, притисоци, кои на ниту еден начин не се испровоцирани, ниту е даден повод и причина, а во изминативе денови веќе кон извршната директорка на многу експлицитен начин се извршија одредени акти кои навлегуваат дури и во сферата на потешки криминални дејства и потешки дела на безбедноста. Станува збор за телефонски и закани упатени преку писма, а изминатата ноќ во 1.30 часот е запалено возилото на нашата извршна директорка, кое е во директна релација со претходното писмо каде на експлицитен начин се дадени рокови, ултиматиуми како треба да се однесува и да постапи на одредени лица кои го упатиле ова писмо, рече Ангелоски.

Побара брзо и одлучно постапување од надлежните институции и праша дали „државава е место каде некој треба да се грижи за својата безбедност“. Апелира до институции да ги заштитат нив како личности, како и интегритетот на комората како организација која, како што посочи, делува за економските случувања и на ниту еден случај нема допирни точки со вакви негативни појави. Заклучно со ноќешниот настан досега поднеле три пријави до Министерството за внатрешни работи, кое, како што рече, веќе постапува.

На новинарско прашање на што се однесуваат заканите Ангелоски посочи дека според писмото што го добил како слика што му го испратила извршната директорка додека тој со државната делегација изминатите денови престојуваше во Дубаи, јасно се иницира дека станува збор за работи поврзани со ССК.

Посочи дека не може да шпекулира и наведе дека можеби заканите се од структури кои се внатре или кои не се веќе во ССК, но оти оставаат на институциите да си ја завршат својата работа.

Заканите се однесуваат околу функционирањето на ССК, не станува збор за државна институција, туку за одредени лица кои можеби се внатре, кои можеби повеќе не се во Сојузот. Но, генерално од заканите и писмата тоа веќе го има во документациска форма и во МВР јасно иницира, се бара еве кон мене да поднесам оставка од здравствени причини и доколку не го сторам тоа дека знаете ќе ви се случи… имате ветувања од ваков или онаков тип, рече Ангелоски.