Рано утринава беше запалено возилото во дворот на семејната куќа на директорот на регионалната Телевизија М НЕТ, Благој Серсемов. Возилото е целосно опожарено, Серсемов вели дека ова го смета за директен удар врз сите медиуми, не само кон него лично, а загрозена е безбедноста и на членовите на неговото семејство, пренесе ТВ24.
Од Основното јавно обвинителство во Штип информираат дека издадена е наредба и насоки за расчистување на случајот, ќе се прави проверка и дали постојат евентуални снимки од видео надзор на подрачјето каде е опожарено возилото.
– Наредбите се да се извршат соодветни вештачења со кои ќе се утврдат причините за пожарот и идентификација на можен сторител на евентуално кривично дело. По наредбите и насоките постапува Министерството за внатрешни работи и вешто лице од Дирекцијата а заштита и спасување, велат од ОЈО-Штип.
Во меѓувреме со реакција се јавија од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), од каде остро го осудуваат вандалскиот чин на дрско опожарување на возилото на колегата Благој Серсемов.
– Инцидентот се случил во текот на изминатата ноќ во кој патничкото моторно возило на новинарот и уредник од штипската телевизија М-нет, било запалено од страна на непознати сторители во дворот на неговата семејна куќа. Со ова сторителите ризикувале да нанесат и поголема штета во смисла на изложување на потенцијален ризик по безбедноста на членовите на семејството на новинарот и на неговите соседи. – се вели во денешното соопштение од ЗНМ.
Од ЗНМ велат дека Серсемов за ова тенденциозно уништување на неговиот личен имот изјавил дека ова го смета за директен удар врз сите медиуми, не само кон него лично, туку оти е загрозена безбедноста и на членовите на неговото семејство.