Проектите на претходната власт доведоа до илегално тргување

Премиерот Христијан Мицкоски во гостување во вестите на МРТ истакна дека 5-те тони дрога кои завршиле во Србија се дел од сериозен случај, кој произлегува од проект што практично беше економска политика на владата на СДСМ и ДУИ. Тој најави дека деновиве МВР ќе излезе со запленети десетици тони дрога која незаконски била пуштена во промет или складирана.

„Тоа е еден озбилен случај. Тоа е еден проект кој во минатото го водеше претходната влада којшто ги доведе голем дел од граѓаните и инвеститорите во заблуда дека на тој начин ќе станат милионери, дека се ќе биде поинаку, економска трансформација. Тоа беше практично економската политика на владата на СДСМ и ДУИ. Очекувам деновиве Министерството за внатрешни работи да излезе со десетици тони, не со неколку тони, туку со десетици тони на ваков тип недозволени средства, односно недозволени материи, дрога, марихуана во случајов којашто во моментов се наоѓа во складиштата во Македонија или пак на некаков начин имало односи помеѓу одредени правни субјекти, не само во државата, туку и надвор од државата за коишто е констатирано дека се незаконски пуштени во промет, но и незаконски складирани“, потенцираше Мицкоски.

Очекувања за сериозни последици и одговорност

Премиерот додаде дека граѓаните наскоро ќе бидат сведоци на катастрофална ситуација и дека креаторите на минатите политики мора да одговараат за младите кои станале жртви.

„Граѓаните ќе бидат сведоци на една многу тешка ситуација и мачна којашто се случувала. Оваа е акција која што трае, не е само од сега, само не сме можеле сега секогаш јавно и транспарентно да објавуваме бројки и податоци, но тоа што ќе го слушнат и видат овие денови граѓаните, па мислам дека вклучително уште денес ќе биде навистина нешто катастрофално и сите оние креатори на тие политики треба да бидат одговорни за многу млади луѓе коишто за жал станале жртви на ваквиот начин на функционирање на одредени политики од минатото“, нагласи Мицкоски.