Заплената на голема количина амфетамин – удар врз криминални групи во државата
Заплената на голема количина амфетамин, спроведена преку добро организирана полициска акција, претставува резултат на интензивната борба на Министерството за внатрешни работи против трговијата со дрога, изјави денеска министерот Панче Тошковски. Тој говореше при посетата на граничниот премин Табановце–Прешево, каде беше промовиран и One Stop системот на гранична контрола.
„Сето она коешто се случуваше во текот на вчерашниот ден е само уште еден доказ дека МВР е силно посветено против нелегалната трговија со дрога. Овие историски резултати коишто се покажуваат во изминатата година навистина се впечатливи и покажавме дека со труд, со работа и посветеност можеме да се спротивставиме на нарко-дилерите во Македонија. Вчерашната акција беше поврзана токму со ова, откриени, се фатени се при оваа полициска акција, добро организирана, подолг временски период, пет килограми амфетамин коишто се поврзани со одредени криминални групи во Македонија. Сега, засега не би можел да изнесам дополнителни детали, се постапува во координација со надлежен јавен обвинител и ќе бидат процесуирани пред судија на претходна постапка, оние коишто се инволвирани во рамки на овој кривично-правен настан,“ изјави Тошковски.
Министерот потврди дека акцијата не е поврзана со случајот во Струмица
Тошковски појасни дека запленетата дрога била наменета за домашниот пазар. Тој истакна дека нема поврзаност меѓу вчерашната операција и претходната акција во Струмица.
Во одговор на новинарско прашање, министерот рече дека одделот за внатрешна контрола работел на случај со полициски службеници кои не постапувале според упатствата.
„Да, знам дека одредена група на полициски службеници коишто не постапувале, согласно напатствијата коишто ги имаат, беа предмет на работа на одделот за внатрешна контрола. Како заврши постапката не би можел да споделам во овој момент, може дополнително да се сподели со јавноста, таа информација. Но, знам дека одделот за внатрешна контрола постапуваше,“ изјави министерот Тошковски.
МВР ќе продолжи со активности насочени кон нарко-криминалот
Според Тошковски, ваквите акции се дел од поширока стратегија на МВР за сузбивање на организираниот криминал и нелегалната трговија со дрога. Тој најави продолжување на акциите, во координација со Јавното обвинителство и надлежните институции.