Државното Истражно биро на Украина соопшти дека се запленети станови, куќи, возила и земјиште, сопственост на шефот на политичкиот совет на украинската партија „Опозициска платформа – за живот“ на Виктор Медведчук и неговата сопруга Оксана Марченко.
Окружниот суд во Лавов, а на предлог на Државното истражно биро и Главниот јавен обвинител, запленил уште 154 објекти движен и недвижен имот на пратеникот Медведчук и неговата сопруга.
Се прецизира дека се запленети 26 автомобили, 30 парцели земјиште, 23 куќи, 32 стана, 17 паркинг-места и моторна јахта. Запленет е и уделот во капитал на двајцата сопружници во 25 компании.
Шефот на украинските безбедносни служби, Иван Баканов, во вторникот потврди дека е упасен пратеникот и шефот на политичкиот совет на партијата „Опозициска платформа – за живот“, Виктор Медведчук.
Медведчук од мај 2021 година бил во куќен притвор од каде побегнал на 28 февруари, четири дена по почетокот на руската инвазија врз Украина, по што му се губи трагата.
Украинските власти го сомничат Медведчук за велепредавство и обиди за грабеж на националните ресурси на Крим што Москва го анектираше во 2014 година. Важи за близок сојузник на рускиот претседател Владимир Путин во Украина, кого го нарекува „личен пријател“. Медиумите уште наведуваат дека Путин е кум на неговата најмлада ќерка.