МВР и царина секојдневно откриваат прекршочни дела и непријавена стока
Во текот на изминатите денови, при контроли на граничните премини и во внатрешноста на државата, откриени се 40 штеки цигари, 5 грама марихуана, 2.700 ќесички суплементи, 17 парфеми, 7.500 евра, 600 пакувања со вештачки трепки, 35 литри алкохолни пијалоци и разна друга стока. Против сторителите е спроведена соодветна постапка.
Најголем дел од случаите се откриени од мобилните тимови при контроли на автобуси, минибуси, камиони и патнички возила.
На Меѓуградската автобуска станица во Скопје, при контрола на автобус со турски регистарски таблички на линијата Истанбул-Гостивар, се откриени 40 штеки цигари и 17 парфеми, сместени на повеќе места во возилото.
Пет грама марихуана е откриена во патнички кампер со швајцарски регистарски таблички на граничниот премин Блаце, а при контрола на возач на автобус на Табановце биле откриени 9.500 евра непријавени. Од нив, 2.000 евра му биле вратени, а 7.500 евра се запленети согласно законските прописи.
Во друг случај на Табановце, мобилен тим открил разна непријавена стока во камион, меѓу која и опрема за уредување на домот. На Блаце, при контрола на минибус, пронајдени се 2.700 ќесички со суплементи, а возачот изјавил дека пратката била наменета за лице во Скопје.
Италијанска државјанка на Меѓународниот аеродром Скопје била откриена со 600 пакувања вештачки трепки, а при контрола на стока со потекло од Турција за фирма од Гостивар, биле запленети 120 пара чорапи поради нарушување на права од интелектуална сопственост.
Дополнително, царинските службеници на Дојран и Табановце откриле 35 литри алкохолни пијалоци, 117 парчиња облека и разна друга стока при прекршочни дела.