Меѓународната акција против илегалната трговија на дарк веб заврши со апсење на 288 лица и заплена на околу 51 милион евра во готовина и криптовалути, соопшти денеска Европол.
„Силите за спроведување на законот ја запленија нелегалната платформа (…) и Монополскиот пазар и уапсија 288 осомничени за купување и продажба на дрога на Дарк веб“, се наведува во соопштението на Европската полициска агенција со седиште во Хаг.
Дополнително, запленети се 850 килограми дрога и 117 парчиња оружје, додава Европол, што ја координираше меѓународната операција наречена СпекТор во која учествуваа девет земји.
Акцијата уследи по операцијата на германската полиција во 2021 година во која беше запленета криминалната инфраструктура на платформата.
„Европол ги собра сите информации врз основа на вредните докази што ги обезбедија германските власти“, соопшти полициската агенција.
Тие информации „биле основа за стотици национални истраги“, додава агенцијата.
Низ повеќе земји на ЕУ беа уапсени повеќе лица – 52 во Германија, десет во Холандија и пет во Франција – но исто така и во Велика Британија (158), САД (55) и еден во Бразил.
Меѓу запленетите дроги имало 258 килограми амфетамин, 43 килограми кокаин, 43 килограми МДМА и повеќе од 10 килограми ЛСД и таблети екстази, додава истиот извор.