Полициските службеници од криминалистичката полиција при СВР Охрид привеле 48-годишен маж од селото Подмољје, откако при претрес во угостителски објект што го користел, биле пронајдени големи количества оружје, муниција и дрога.
Според информациите на Министерството за внатрешни работи, претресот бил извршен на 31 октомври 2025 година во поранешен угостителски објект во селото Мешеишта, општина Дебрца, со судска наредба.
Пронајдени оружје, муниција и канабис
Во просториите биле откриени и одземени 1.357 парчиња муниција од различен калибар, 488 стебла канабис, еден сандак со куршуми калибар 7,62 мм, два стари револвери, пиштол „VZOR“ калибар 7,65 мм, две автоматски пушки, еден тромблонски држач, делови од рачна бомба, како и пакувања со црна грутчеста и кафеава прашкаста материја.

Од МВР информираат дека предметите биле нелегално поседувани, а лицето Г.М. (48) е задржано во полициска станица. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена кривична пријава.


