Емотивен почеток на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Со доделување на наградите за животно дело на тројцата добитници – Снежана Коневски-Руси, Соња Михајлова и Гоце Тодоровски – и со претставата „12“ на Македонскиот народен театар – Скопје, синоќа во Центарот за култура „Марко Цепенков“ беше отворен 59-тиот Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.

Отворањето беше проследено со долги аплаузи, емотивни говори и солзи на благодарност.

• „На сцената живеев безброј животи, а во вистинскиот живот – само еден. Секогаш кога ќе застанам на сцена, кога имам задача, чувствувам дека навистина постојам. Вашиот аплауз ме прави реална. Заедно со мојот МНТ остарев, тој слави 80 години, како и мојата прва љубов – Радиото. Посакувам и овој фестивал да ги надмине 105 години. Благодарна сум на фестивалот и на Никола Кимовски што стоеше зад ова признание“, рече Коневски-Руси.

„Театарот има и светла и темна страна, и двете ги носам во себе“

Со многу емоции се обрати и актерката Соња Михајлова од Битолскиот театар, која со речиси 40 години стаж на сцената, ја истакна комплексноста на актерската професија.

• „Оваа награда тежи колку и самиот фестивал – симбол на нашата културна иднина. Четири децении сум со театарот. Тоа е патување полно со возбуда, радост и предизвици. Светлата страна е потрагата по сценска вистина и ликот што го креираш, а темната – постојаната борба со условите, промените и непредвидливите состојби во Македонија. Тоа остави траги и на срцето и на умот“, рече Михајлова.

Голем аплауз доби и актерот Гоце Тодоровски, кој со својот карактеристичен хумор го насмеа присутното гледалиште.

„Театарот зборува кога тишината повикува на храброст“

Уметничката директорка Ана Стојаноска се заблагодари на сите вклучени во организацијата и ја нагласи важноста на слоганот на фестивалот „Смеј се и осмели се“.

• „Кога го смислив мотото, веднаш започнаа и смеата и храброста. Фестивалот не е личен проект, туку заеднички напор. Благодарна сум на сите волонтери, на публиката, на сите што ја поддржаа визијата Прилеп да стане цел град-театар. Публико, годинава повторно имаш можност да ја наградиш својата омилена претстава – благодарам за поддршката!“

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, свечено го прогласи фестивалот за отворен и ја истакна моќта на тишината пред подигнувањето на завесата.

Погледнете ја неговата објава.

• „Во таа тишина има нешто свето, нешто што го чувствувам од моето прво стапнување на сцена. Театарот нѐ осмелува и нѐ менува, дури и кога нѐ засмева. Како што рече Војдан Чернодрински: ‘Театарот е огледало на народот’.“