Лунарниот ровер, вчера, излезе од индиското вселенско летало „Чандрајан-3“ за да почне со истражување на површината на Месечината, објави Индиската вселенска истражувачка организација (ИСРО).
Индиското летало, во средата попладне, слета во близина на Јужниот Пол на Земјиниот природен сателит, со што азиската земја со златни букви се впиша во историјата на веселенските истражувања. Индија стана првата земја која извршила меко слетување на Јужниот Пол на Месечината.
Јужниот Пол на Месечината е интересен поради водениот мраз, за кој се верува дека може да обезбеди гориво, кислород и вода за пиење за понатамошни мисии, но поради нерамниот терен тешко е слетувањето.
„Чиндрајан-3“ се очекува да биде во функција две недели, а ќе спроведе експерименти кои вклучуваат спектрометриски анализи на минералниот состав на површината на Месечината.
На новата мисија, азиската земја потроши речиси 6,15 милијарди рупии, односно околу 68 милиони евра, пренесува ХРТ.
Слетувањето на „Чандрајан 3“ беше следено од луѓето на Земјата, а преносот во живо на „Јутјуб“ го следеле седум милиони луѓе.