Започна акција за расчистување на Скопското Кале: Соработка помеѓу општините и Министерството за култура

Денес, во координирана акција на скопските општини Гази Баба, Кисела Вода, Аеродром, Ѓорче Петров и Бутел, преку ЗЕЛС и во соработка со Министерството за култура, започнаа активности за расчистување и уредување на просторот околу Скопското Кале. Оваа иницијатива доаѓа во пресрет на годишнината од катастрофалниот скопски земјотрес, со силна симболика и почит кон историјата на градот.

Орце Ѓорѓиевски: „Срцето на градот мора да блеска“

Градоначалникот на Кисела Вода и иден кандидат за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, нагласи дека Скопското Кале е жив сведок на историјата на Скопје – од неолитот, преку Византија, сè до денес. „Со голема почит кон минатото и визија за иднината, се навраќаме на ова место кое е симбол на нашата упорност и истрајност“, истакна Ѓорѓиевски.

Објавата на Ѓорѓиевски погледнете ја во продолжение:

Стефковски: „Срамна е сликата која ја гледаат туристите“

Градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, посочи дека поради недостиг на реакција од ЈП Паркови и Зеленило и Градот Скопје, општините одлучиле самостојно да дејствуваат. Тој додаде дека имале соработка со министерот Љутков.

„Не можевме да останеме глуви на повикот на Министерството за култура. Со здружени сили покажуваме дека институционалната соработка носи резултати. Скопското Кале заслужува повеќе – грижа, внимание и континуирана поддршка“, порача Стефковски.

Извор: СкопјеИнфо