Струмички карневал со над 1.000 учесници ја исполни Струмица со маски и публика
Струмички карневал со над 1.000 учесници повторно ја исполни Струмица со маски, бои и публика, откако синоќа се одржа Интернационалното карневалско дефиле на кое настапија 39 групи од земјава и странство. Учесниците со голем елан и креативност ги претставија своите карневалски изработки, а централните улици беа преполни со посетители кои го следеа дефилето.
И годинава кралот на карневалот го означи почетокот со зборовите:
„Време е, нека почне Струмичкиот карневал“, по што започна традиционалната карневалска поворка. Најнапред настапија струмичките мажоретки, а веднаш потоа атмосферата ја раздвижија гостите од странство.
Публиката особено реагираше на настапот на „Блескавите пеперутки“ од Шумен, Бугарија, а по нив следуваше маската „Игра на снегулките“ на ОУ „Сандо Масев“ од Струмица. Претставничка на групата изјави:
„Нашите снегулки носат радост, љубов, среќа и промена. За кратко време ја подготвивме маската и сме многу среќни што настапуваме на Карневалот.“
Традиција, историја и пораки преку карневалските креации
Впечаток кај присутните остави и маската „Цветина свадба“ на гимназијата „Јане Сандански“ од Струмица, која преку сценски приказ се наврати на македонската традиција. Атанас Цикарски појасни:
„Со маската се враќаме во историјата, на македонската традиционална свадба, а зедовме дел од Македонска крвава свадба и пораката е да има слога меѓу сите нас.“
Карневалските креации ги оценува жири-комисија, која ќе ги избере најдобрите во повеќе категории. За најуспешните се предвидени парични награди.
На дефилето присуствуваа бројни гости од земјава и странство, меѓу кои и потпретседателот на Собранието Антонио Милошоски, како и претседателот на FECC, Ларс Алгел.
Карневалските свечености продолжуваат и денеска, на празникот Прочка, кога ќе се одржи традиционалниот Детски карневал. На него младите струмичани ќе продефилираат со своите маски низ градските улици.
