Зимата во државава и на северната хемисфера на Земјата календарски почна денеска во 04 часот и 27 минути. Во истовреме на јужната Земјина полутопка почнува летото.

Денот на доаѓањето на зимата е познат и како зимска краткоденица, односно денот е најкраток, а ноќта најдолга. Од денеска ноќите постепено ќе стануваат пократка, а деновите подолги.

Сонцето во Скопје на првиот зимски ден изгреа во 6 часот и 59 минути, а ќе зајде во 16 часот и 6 минути. Денов трае 9 часа и 7 минути.

Петок, 22 декември, е 358-иот ден во 2023 година. До крајот на годината остануваат уште девет дена.

Зимата ќе трае 88 дена, 23 часа и 39 минути, до 20 март 2024 година, кога на северната хемисфера настапува пролетта, а на јужната есента.

Синоптичарите за денеска најавуваат променливо облачно време, од изутрина со повремени локални врнежи од дожд, а на планините од снег што ќе ја зголеми снежната покривка. Претежно во западните и северните делови повремен снег ќе паѓа и на повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, долж Повардарието северозападен, а во западните делови западен ветер, кој наместа повремено ќе засилува. Минималната температура ќе биде во интервал од-4 до 2, а максималната ќе достигне од 5 до 12 степени.

Во Скопје променливо облачно со повремени врнежи од дожд. На повисоките места во регионот ќе паѓа повремен снег. Ќе дува слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до-2, а максималната ќе достигне до 6 степени.