Градоначалникот на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, денес го означи почетокот на градежните активности во населбата Драчево. Со ова, се вели во соопштението, дека се затвора поглавјето за реконструкција на сите улици во населбата. Инаку, во изминатите две години од неговиот мандат, реконструирани се повеќе од 40 километри улици на територијата на општина Кисела Вода.

– Денес сме во Драчево на започнување на градежни зафати и со ова, го затвораме поглавјето за реконструкција на сите улици во населбата. Се работи за улиците ,,Томе Стефановски”, ,,Славчо Стојменовски”, ,,Коперникова” со нејзините краци, ,,Методија Патчев”, краците на улица ,,Славка Динкова” и ,,Герника” 8, на површина од 5200 метри квадратни. Сите овие улици се опфатени со темелна реконструкција, а тоа подразбира дека покрај нов асфалт, добиваат и нови тротоари – рече Ѓорѓиевски.

Тој е дециден дека кога пред две години дојде на градоначалничката функција, рече дека до крајот на мандатот нема да има ниту една неасфалтирана улица во Кисела Вода.

– Затекнав улици кои никој претходно не ги посетил, а да не зборуваме да ги стави во планот за реконструкција. Или, се давале само лажни ветувања со кои мојот народ живеел и секојдневно се соочувам со голгота. Тоа за мене беше предизвик, си поставивме цел и докажавме дека со многу труд и желба можеме да направиме серизни промени. Денес со гордост можам да кажам дека населбата Драчево е промената до непрепознатливост. Од заборавена до урбана населба со комплетно нови улици, нови детски катчиња, паркови и спортски терени, се гради и нов затворен пазар за првпат во историјата на општината – истакна Ѓорѓиевски.