-Во Виена, заедничката комисија ЈЦПОА… само што започна, напиша денеска на Твитер портпаролот на делегацијата на ЕУ употребувајќи го формалниот акроним за Договорот за заеднички сеопфатен план за акција, кој треба да постави строги ограничувања на иранската нуклеарна програма, во замена за ублажување на санкциите кон земјата.
Разговорите, кои почнаа во 15 часот по средноевропско време, ефективно се индиректни преговори меѓу Иран и Соединетите држави, бидејќи претставниците на Техеран одбиваат да се сретнат лице в лице со американските претставници.
Светските сили на разговори за заживување на нуклеарниот договор со Иран
Договорот кој го постигна Иран со САД, Велика Британија, Франција, Германија, Кина и Русија предвидува ограничување на нуклеарните активности на Техеран во замена за укинување на санкциите, притоа отворајќи поголема контрола од страна на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) на Обединетите нации.
Но, Иран постепено ги прекрши границите наметнати со договорот, откако поранешниот претседател Доналд Трамп во 2018 година ги повлече САД од договорот и ги врати американски санкции и покрај почитувањето на договорот од страна на Иран.
Наследникот на Трамп, Џо Бајден, вети дека повторно ќе се приклучи на договорот доколку Иран се врати на целосно усогласување, но Техеран сака Вашингтон да го направи првиот чекор.
Како што започнаа разговорите, Вашингтон го повика Иран повторно да се приклучи на договорот, во спротивно навестувајќи построга позиција на САД, додека Техеран побара САД да ги укинат сите санкции против исламската република.