Започната темелна ревизија на издадените лиценци – 15% од фирмите не исполнуваат услови
Министерството за транспорт и врски започна детална проверка – ревизија на издадените лиценци за проектирање и надзор, а досегашните резултати покажуваат дека 15% од фирмите престанале да ги исполнуваат условите за работа.
Министерот за транспорт Александар Николоски соопшти дека од проверени 640 лиценци од вкупно 1.100. Досега се одземени 97, најмногу од категоријата „Б“ – што се однесува на градби од втора категорија.
До вторник се очекува да завршат сите проверки. Целиот извештај ќе биде доставен до МВР и Јавното обвинителство за понатамошно постапување.
Вицепремиерот најави измени на законите, особено во делот на контролата, со цел да се избегнат пропусти во иднина.
„Пулс“ во Кочани – реконструкција без дозвола
Во однос на трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, Николоски истакна дека реконструкцијата на објектот била изведена без никакво одобрение.
Приватна фирма требало да го утврди исполнувањето на стандардите. Според досегашните информации покажуваат дека тоа не било направено согласно законските регулативи.
Проверки и во секторот на патниот превоз
Паралелно со оваа истрага, во тек е и проверка на сите издадени лиценци за патен превоз, каде што веќе се откриени бројни неправилности.
Министерството за транспорт и врски потенцира дека ќе има одговорност за сите што незаконски добиле и издавале лиценци, со цел да се заштити јавниот интерес и безбедноста на граѓаните.