Поддршка од САД додека се осудува насилството врз демонстрантите во Иран

Американскиот претседател Доналд Трамп повика на продолжување на протестите во Иран и најави поддршка за демонстрантите.

„Ирански патриоти, продолжете да протестирате – преземете ја власта над вашите институции. Запомнете ги имињата на убијците и насилниците. Тие ќе платат висока цена. Ги откажав сите состаноци со иранските претставници сè додека не престане бесмисленото убивање на демонстрантите. Помошта доаѓа. MIGA (Направете го Иран повторно голем)“, објави Трамп на својата социјална мрежа Truth Social.

Според извори од Министерството за одбрана на САД, претседателот е запознаен со широк спектар на воени и тајни опции кои би можеле да се користат против Иран, вклучително и мерки надвор од конвенционалните воздушни напади.

Дополнително, според повеќе извори запознаени со ситуацијата, тимот за национална безбедност на Белата куќа денеска ќе одржи состанок за ажурираните опции за Иран. Сè уште не е познато дали Трамп лично ќе присуствува на состанокот, јави Си-Би-Ес Њуз (CBS News).