Управата за финансиска полиција отвори предмет и ги проверува наводите за можен влез на сомнителен капитал во македонскиот медиумски простор, откако СДСМ јавно побара истрага за купување телевизија и за, како што тврди партијата, зголемено влијание на српски медиумски групации во Македонија.

Финансиската полиција ги испитува сите индиции и информации што беа изнесени во јавноста, додека Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, врз основа на постапувањето на институциите, ја запрела постапката за промена на сопственичката структура на една телевизија и радио.

„Во врска со наводите изнесени од страна на СДСМ за наводен влез на сомнителен капитал и купување на телевизија, ја информираме јавноста дека Управата за финансиска полиција постапува по предмет и ги испитува сите индиции и информации кои беа изнесени во јавноста, а АВМУ врз основа на постапувањето на институциите ја запре постапката за промена на сопственичката структура на една телевизија и радио. Институциите, во рамки на своите законски надлежности, ги презема потребните дејствија за утврдување на сите релевантни факти и околности. Апелираме да не се шпекулира и да не се дезинформира јавноста со непроверени и невистинити информации. Надлежните институции постапуваат професионално и согласно закон, со цел заштита на јавниот интерес и интересите на граѓаните“ – се вели во реакцијата на Финансиската полиција.

Реакцијата следува откако СДСМ побара да се испита, како што го нарече, „влезот на српската медиумска машинерија во Македонија“.

СДСМ ги поврза своите сомневања и со влезот на српски капитал во банкарскиот сектор, тврдејќи дека треба да се провери потеклото и движењето на парите, како и евентуалната поврзаност со медиумски инвестиции.

Од институциите засега не соопштуваат повеќе детали за предметот на Финансиската полиција, ниту за тоа која конкретна телевизија и радио се опфатени со запрената постапка на АВМУ. Истрагата треба да покаже дали има основа за сомневањата што беа изнесени во јавноста.