76 пациенти се префрлени на лекување во странство
Дополнително, 76 пациенти се префрлени на лекување во странство, при што последните пациенти се испратени во Хрватска, Грција, Австрија и во Словенија. Во тек се преговори за испраќање нови пациенти во Полска, Шведска, Холандија, Хрватска, Норвешка и Словенија.
– Во Анкара во моментов се лекуваат 6 пациенти, од кои 5 се екстубирани и нивната состојба се подобрува, изјави заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски.
Тој додава дека релативно сите пациенти, и во земјата и во странство, се стабилни.
– До овој момент нема пациенти, починати од повредите. Има неколку потешко повредени пациенти надвор од државата, но сите во домашните клиники се во стабилна состојба. Во моментов нема да бидат пуштени ниту полесно повредените пациенти бидејќи се очекува влошување, па ќе бидат под мониторинг, истакна Андовски.
Ризик од компликации кај пациентите на токсикологија
Директорот на ЈЗУ Клиника за Токсикологија – Скопје, професор д-р Андон Чибишев, изјави дека во оваа установа биле хоспитализирани 18 пациенти, од кои четворица поради влошување биле префрлени на КАРИЛ-Клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување. Од нив, тројца ќе бидат префрлени на лекување во странство.
– Останатите 13 пациенти се стабилни, но кај четворица од нив не сме целосно задоволни од нивната состојба. Бидејќи станува збор за изгореници на горните дишни патишта и за труење со јаглерод моноксид, очекуваме компликации. Труењето со токсични гасови може да доведе до доцни последици во наредните 10 дена – објасни Чибишев.
Тој истакна дека во Клиниката за токсикологија доаѓаат и пациенти кои се исплашени и сакаат да проверат дали имаат последици од вдишување гасови. На сите ним им се прават детални клинички испитувања за да не се пропушти потенцијален здравствен проблем.
Екипи од странство пристигнуваат за помош
Во меѓувреме, сите пациенти добиваат соодветен третман, но сепак, капацитетите во соседните земји се веќе исполнети, па пациентите кои треба да се префрлат во странство ќе бидат испраќани во подалечни држави како Полска, Австрија, Италија и други, појаснува директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.
Во земјава пристигнале медицински екипи од Израел, Белгија и Србија, а се очекува и дополнителен тим да пристигне наскоро за да помогне во третманот на повредените.
Здравствените власти остануваат во координација со меѓународните партнери за понатамошно згрижување на пациентите, додека домашните клиники внимателно го следат развојот на нивната состојба.
Извор: Плусинфо