Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи изјави дека Техеран ќе ги стави во функција сите свои дипломатски капацитети за заштита на националните интереси, зајакнување на безбедноста и меѓународната позиција на земјата. Тој истовремено предупреди дека Иран поодлучно и посилно од кога било досега ќе одговори доколку се соочи со нова воена агресија.

Оваа порака шефот на иранската дипломатија ја објави денеска на Инстаграм, ден по дипломатскиот собир во Техеран каде што се сретна со амбасадорите, отправниците на работи и раководителите на странските и меѓународните мисии. Како што пренесува Press TV, Арагчи за време на вчерашната средба пред претставниците на меѓународната заедница го презентираше официјалниот став на Техеран во однос на актуелните регионални и глобални случувања.

Иранскиот министер го подвлече значењето на континуираните дипломатски консултации во овие критични околности, посочувајќи дека преку директниот дијалог се овозможува точно пренесување на фактичките состојби на теренот и разјаснување на позициите на Иран. „Дипломатијата на Исламската Република Иран продолжува по својот пат сериозно, потпирајќи се на своите принципи и национални интереси“, напиша Арагчи, додавајќи дека Техеран ќе го искористи целиот дипломатски потенцијал за зачувување на безбедноста и позицијата на земјата.

Напоредно со дипломатските пораки, Арагчи упати и директно предупредување до противниците. Тој истакна дека доколку нивните непријатели повторно го изберат патот на воениот судир, ќе се соочат со значително посилен и порешителен одговор од сите претходни.