Метрополата под притисок на натрупани проблеми
Градот Скопје се соочува со серија долготрајни проблеми – јавни претпријатија во долгови, нефункционална механизација, загаден воздух и диви депонии што со години го гушат градот. Новиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски најави решителни мерки за воспоставување ред и дисциплина во сите сектори под ингеренција на Градот.
Санкции и интервенции во јавните претпријатија
По тридневната акција за чистење, Ѓорѓиевски информираше дека се изречени повеќе од 40 казни и најави континуирани санкции. При увид во ЈП „Комунална хигиена“ биле затекнати само 16 исправни камиони, но со итни интервенции бројот на возила е зголемен на 40, а наскоро се очекува да достигне 60. Се планира и набавка на нова механизација во координација со Владата.
Планови за чистење и нови автобуси во јавниот превоз
Во наредниот период, фокусот ќе биде насочен кон уредување на парковите и расчистување на депониите – Вардариште, Визбегово, Шуто Оризари и покрај Лепенец. Ќе се постават и заштитни мрежи по должината на реката Вардар во соработка со компании. Во јавниот превоз, во март се очекува пристигнување на 80 нови еколошки автобуси за Скопје и уште 70 за другите градови, со што ќе се надмине недостигот од возила. Ѓорѓиевски нагласи дека на претстојната седница на Советот ќе побара поддршка за буџетот и проектите, „зашто граѓаните очекуваат резултати, а не препукувања“.
