Поради изведување градежни работи, дел од автопатот од Солун кон граничниот премин Евзони кон Македонија, од петок наутро до понеделник напладне целосно ќе биде затворен во двата правци. Сообраќајот ќе се одвива по стариот автопат.

Од регионалната полициска управа од северна Грција информираа за воведувањето на вонредниот сообраќаен режим.

„Од петок во 8.00 часот до понеделник во 12.00 часот, ќе биде целосно затворен за сообраќај дел од автопатот Солун – Евзони, од клучката Поликастро до клучката Агиос Атанасиос, во двете насоки на движење кон Солун и кон Евзони“, соопшти полицијата.

Сообраќајот на возилата целосно ќе се пренасочува и ќе се одвива по стариот автопат Солун – Евзони, појаснуваат од надлежната полициска управа.

Согласно соодветната одлука на полицијата, привремениот сообраќаен режим се воведува поради уривање на надвозник во рамките на градежните работи на надвозниците на вертикалната оска на автопатот Егнатиа Одос.

Во правец од Евзони, кај Поликастро кон Солун возилата ќе се движат по стариот пат Солун – Евзони, а потоа преку патот Солун – Едеса. Во спротивната насока од Солун кон Евзони возилата ќе се пренасочуваат преку патот Солун – Едеса и стариот автопат Солун – Евзони, преку селата Гефира, Прохома и Кастанас, од каде што ќе продолжуваат кон Поликастро.