Комисијата утврди единствен понудувач, изборот на најповолен ќе се донесе по завршување на локалните избори
Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) ја заврши постапката за доделување радиофреквенции за трет мобилен оператор во земјата. Според објавените информации, единствен понудувач е „Оне Македонија телекомуникации“ (унгарски „Фор-ај-џи“), а конечната одлука за избор на најповолен понудувач ќе биде донесена по завршување на Локалните избори закажани за 19 октомври.
– „По јавното отворање на понуди на 22 август, Комисијата за спроведување на јавен тендер со јавно наддавање изготви извештај со соодветен предлог со директорот на АЕК. Согласно Законот за електронски комуникации во рок од три дена од приемот на извештајот директорот носи одлука за завршување на постапката по јавен тендер со јавно нададвање. Следен чекор е по завршување на изборниот процес директорот да донесе одлука за избор на најповолен понудувач“, информираа за МИА од АЕК.
Во Одлуката објавена на веб-страницата на АЕК се наведува дека, согласно член 138 став 2 од Законот за електронските комуникации, Комисијата за спроведување на јавен тендер со јавно наддавање за радиофреквенциските опсези 700 MHz, 1800 MHz и 3.х GHz состави Записник за постапката на отварање на понуди со архивски број 0201-1103/24 од 22.08.2025 година и врз основа на член 139 став 3 од Законот за електронските комуникации достави Извештај од извршено разгледување на понуди со архивски број 0201-1103/26 од 27.08.2025 до директорот.
– „Имајќи предвид дека со Извештајот од извршено разгледување на понуди од Комисијата за спроведување на јавен тендер со јавно наддавање за радиофреквенциските опсези 700 MHz, 1800 MHz и 3.х GHz број 0201-1103/26 од 27.08.2025 година е утврдено дека се јави само еден понудувач, согласно член 140 став 4 од Законот за електронските комуникации, директорот донесе Одлука дека постапката по Јавниот тендер со јавно наддавање е завршена“, се вели во Одлуката.