Територијалното прашање останува главна пречка во преговорите меѓу Москва и Киев
Руски, украински и американски претставници вчера во Абу Даби се сретнаа за првпат во ваков трилатерален формат, со цел да ги разгледаат условите за завршување на четиригодишната војна во Украина, во момент кога Москва продолжува да инсистира Киев да ги повлече своите сили од Донбас, јавуваат светските агенции.
Средбата се смета за значаен дипломатски чекор, бидејќи станува збор за први директни разговори меѓу Москва и Киев поврзани со американскиот план за завршување на војната, која од 2022 година однесе десетици илјади животи.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека спорното прашање за територијата останува главна пречка за постигнување договор и дека токму тоа е клучната тема што ги отежнува разговорите, кои, како што е најавено, треба да продолжат и денеска.
Според украинскиот главен преговарач Рустем Умеров, фокусот на разговорите бил ставен на руските услови и на можните следни чекори во процесот.
„Разговорите се фокусираа на условите за завршување на војната поставени од Русија и на логичните следни чекори во процесот на преговори, насочени кон достоинствен и траен мир“, изјави Умеров.
Тој додаде дека процесот продолжува и дека се планирани нови средби.
„За сабота се планирани повеќе состаноци“, соопшти синоќа Умеров.
Руската делегација на разговорите ја предводи генерал Игор Костјуков, шеф на руското воено разузнавање. Американската страна ја претставуваат специјалниот пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп.
Преговорите се одржуваат во период на дополнителен притисок врз Украина, чија енергетска мрежа е сериозно оштетена од серија руски напади. Тие напади предизвикаа прекини во снабдувањето со електрична енергија и греење, што дополнително ја усложнува состојбата во земјата додека траат дипломатските напори за прекин на конфликтот.
