Владо Јаневски, Андријана Јаневска, Бојана Скендеровска, Александар Тарабунов, Ламбе Алабаковски, Полина, Љубојна, Таско, но и младите и талентирани Александра Трајчевска, групата Blue, Драгана Јовановска, Јасмин Алиевски и Тиијана Периќ синоќа ги испееја новите хитови на 38. издание на ,,Макфест”.
Александар Арсовски организатор на ,,Макфест” од Општина Штип вели дека се задоволни од сработеното, а на публиката се понуди музика за сечиј вкус, како за помладите, така и за повозрасните генерации.
Водители на Фестивалот на забавни мелодии ,,Макфест” и годинава беа Маријана Станојковска и Димитар Атанасовски, а за време на втората вечер како водители се појавија Светлана Црнокрак, Миро Кацаров и Вера Јанковиќ, која публиката ја поздрави со макфестовски рефрен, а пак штипската публика и возврати со долги и силни аплаузи на единствената Јанковиќ, која пред десет години го водеше фестивалот.
На 38. издание на „Макфест” во две фестивалски вечери се слушнаа 26 нови забавни песни.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов синоќа на Пајак и Лара им додели парична награда од 120.000 денари, за најслушна песна во текот на годината.