Петти лет за евакуација
Нови 119 македонски граѓани вчера се вратија во земјава од државите на Блискиот Исток со чартер-лет што го организираше Владата. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија денеска информираа дека со овој, петти лет, целосно е завршена евакуацијата на сите македонски државјани кои се пријавиле за враќање од кризното подрачје.
Евакуирани вкупно 147 патници
Со последниот лет, кој вчера слета на Меѓународниот аеродром во Скопје, биле евакуирани вкупно 147 патници. Покрај 119 македонски државјани, во авионот имало и 28 странски државјани.
„Вкупниот број на евакуирани македонски државјани достигна 605, со што е завршен процесот на враќање на сите граѓани кои побарале евакуација. Државата покажа навремена реакција во кризни услови, обезбедувајќи заштита на своите граѓани, но и солидарност кон странски државјани од регионот и пошироко. Безбедноста на граѓаните останува највисок приоритет, а СОС телефонската линија и контактите на дипломатско-конзуларните претставништва и натаму се активни и достапни“, информираа од МНР.
Претходно организирани летови
Претходно биле организирани летови од Ријад во Саудиска Арабија и од Дубаи, како и од Шарм ел-Шеик во Египет, за извлекување на шест македонски државјани од Израел.
