Договорот за контрола на нуклеарното вооружување меѓу Русија и САД истекува на полноќ по средноевропско време, зголемувајќи го ризикот од нова трка во вооружување. Доколку не се постигне договор во последен момент, двете најголеми нуклеарни сили за првпат по повеќе од 50 години ќе останат без ограничувања за своите арсенали, пренесува Би-би-си.

Договорот „Нов СТАРТ“, потпишан во Прага во 2010 година, е последниот преостанат механизам што ги ограничува стратегиските нуклеарни сили на двете земји.

Помошникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, изјави дека рускиот претседател Владимир Путин разговарал за ова прашање со кинескиот лидер Си Џинпинг и нагласил дека Москва ќе постапува „внимателно и одговорно“. Според него, Русија останува отворена за преговори за обезбедување стратешка стабилност, но засега нема официјален одговор од Вашингтон на рускиот предлог за продолжување на клучните ограничувања.

Во меѓувреме, папата Лав XIV упати апел до Москва и Вашингтон да не дозволат договорот да истече, предупредувајќи на потребата да се надмине „логиката на страв и недоверба“.

Експертите предупредуваат дека без договор, двете земји би можеле да распоредат стотици дополнителни нуклеарни боеви глави, што во екстремно сценарио би значело и двојно зголемување на активните арсенали. Иако глобално бројот на нуклеарни боеви глави е намален на околу 12.000, САД и Русија продолжуваат со модернизација, додека Кина во последната деценија значително го зголеми својот арсенал.

Американскиот претседател Доналд Трамп во изминатиот период испраќаше различни сигнали за иднината на контролата на оружјето, посочувајќи дека, доколку договорот истече, САД ќе се обидат да постигнат „подобар договор“ во кој би била вклучена и Кина.