Рехабилитацијата на Пониква за повредените траеше речиси три месеци, но пациентите ќе продолжат со третманите во Штип и Кочани

Заврши рехабилитацијата на Пониква за повредените од несреќата во дискотеката „Пулс“. Проектот се спроведуваше неполни три месеци во одмаралиштето на МВР. Таму околу 150 млади добија интензивна медицинска, психолошка и физикална поддршка.

Рехабилитацијата се одвиваше во три групи, секоја со двонеделен престој под надзор на лекари специјалисти од Клиниката за пластична хирургија во Скопје и физиотерапевти од Кочани и Штип. Медицинскиот тим е задоволен од резултатите и вели дека пациентите вложиле максимум.

„Добивме максимум од секој пациент. Имаме добри резултати, кај дел од пациентите кои се полесно повредени функциите се враќаат во нормала. Кај тие со посериозни повреди процесот на заздравување е побавен. Најважно од сè е што процесот на рехабилитација кај сите оди во нагорна линија,“ изјави д-р Никола Костадиновски, специјалист физијатар во Клиничка болница – Штип.

Третманот не завршува со затворањето на проектот. Лекувањето и интензивните физикални вежби продолжуваат во Општа болница – Кочани и Клиничка болница – Штип. Персоналот кој работи со пациентите претходно помина шестнеделна обука со англиската Организација за ургентна медицина – единствен и сертифициран интернационален тим за рехабилитација на пациенти со тешки изгореници.

„Сега продолжуваме со рехабилитација во Општа болница – Кочани и во Клиничка болница – Штип. Моментално во Штип има шестмина пациенти, но со затворањето на Пониква се очекува бројот да се зголеми. Во Кочани бројот на пациенти ќе биде уште поголем,“ рече д-р Никола Костадиновски.

Проектот за рехабилитација на Пониква за повредените беше поддржан од Владата, која обезбеди бесплатен третман. Одмаралиштето на МВР беше преадаптирано според потребите на пациентите, а во соработка со специјалисти беа спроведени и ПРП терапии.

Извор: Алфа ТВ