ЕСМ вечерва соопшти дека вечерва завршиле сервисните и ремонтните активности на генераторот и другата опрема во ТЕЦ Неготино, по што утре во 7.30 наутро ќе започнат, како што соопшти компанијата, „пуштачките“ активности за ставање на електраната во функција на производство.
Според ЕСМ, во договорот со економскиот оператор кој ги изведувал работите било наведено дека зафатите треба да завршат до 15-ти декември, но со засилениот интензитет на работа и зголемениот ангажман на вработените, рокот бил скратен за 10 дена, што во услови на енергетска криза ќе значи економски и енергетски бенефит.
„АД ЕСМ вложува максимални напори и засилено ги става во функција сите капацитети, со цел да се задоволи зголемената потреба од домашна електрична енергија, со оглед на зголемените задолжувања од страна на Владата кон АД ЕСМ за испорака на енергија кон Универзалниот снабдувач, институциите, како и бизнис секторот “ – соопшти Електростопанство на Македонија.