Комисијата за финансирање и буџет продолжи со расправата по амандманите за Буџетот 2026

Во шестиот ден од расправата, членовите на Собраниската комисија за финансирање и буџет попладнево ги разгледуваа амандманите поврзани со образованието за Предлог-буџетот за 2026 година. Ниту еден од предложените амандмани не беше прифатен, пренесе Нова Македонија.

Полемики меѓу власта и опозицијата

Дискусијата беше проследена со меѓусебни обвинувања меѓу пратениците од власта и опозицијата – кој повеќе придонел за подобрување на образованието, кој го унапредил или запустил студентскиот стандард, како и кој влијаел врз состојбата со студентските домови, средното и основното образование.

Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски посочи дека за академската 2025/26 година е веќе утврден износ од 140 денари, за што има предвидено средства, а оваа година се проширил и кругот на студенти што го користат правото. Тој додаде дека согласно законските решенија очекува извесно зголемување во академската 2026/27 година.