Минимален број прекршоци по тест периодот
Бројот на сообраќајни прекршоци е намален од 120.000 на околу 500 по воведувањето на системот „Сејф сити“, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21.
Тој посочи дека е задоволен од имплементацијата на новиот систем и од ефектите што веќе се видливи на терен.
Според него, во почетната фаза од тестирањето биле евидентирани 120.000 прекршоци, додека сега дневната бројка се движи меѓу 500 и 800.
„На почетокот на тест периодот, бројката на прекршоци беше 120.000, додека денес имаме прекршоци 500 до 600, 700 некој ден и 800, но далеку драстично помал број на прекршоци. Тоа се прекршоци за недозволена брзина, минување на црвено светло или со нерегистрирано моторно возило. Тие се тие прекршоци кои ги констатира системот. Во иднина ќе го имплементираме и за погрешно запирање и за погрешно паркирање. Нема човек кој управува моторно возило во Скопје и кој што не ги гледа придобивките од овој паметен систем. Го нема она дивеење по улиците, ги нема оние ненормални брзини, и тоа се гледа. Ја нема таа нетрпеливост. Бројките на сообраќајките се намалуваат, бројките на повредени и загинати се намалуваат, целта која сакавме да ја постигнеме и тоа како има одѕив од јавноста“, изјави Тошковски.
Ќе се проширува контролата и за паркирање
Министерот најави дека системот во следниот период ќе се прошири и ќе опфати прекршоци за погрешно запирање и погрешно паркирање. Тој нагласи дека ефектите веќе се чувствуваат во главниот град. Според него, намалени се сообраќајните незгоди, како и бројот на повредени и загинати лица.
Тошковски порача дека завршило времето на дивеење и брзо возење по улиците.
