Според пратениците од владејачките партии, буџетот за 2022 е развоен и во целост ги следи приоритетите на државата.
Тие сметаат дека тој ќе обезбеди редовна исплата на плати и пензии, а посебен акцент е ставен на економското заздравување, забрзаниот развој, за реформите на правосудството и евроатлантските интеграции, како и за капитални инвестиции и фискалната одржливост. За опозициската ВМРО-ДПМНЕ владината проекција не е реална поради што, со поднесени 200 амандмани, ќе се обидат да интервенираат во областите за кои сметаат дека се битни за граѓаните.
Пратеникот од владејачкото мнозинство Панчо Минов рече дека наместо компарации на буџетот со претходните години, целта ќе му биде коментирање на одредени буџетски постапки од аспект, она што е основна дејност на пратениците, носењето на закони, а и рефлексија на правата, интересите за решавање на проблемите на граѓаните и стопанските субјекти.
– Никој досега не искоментира дека значително се зголемуваат во приходниот дел капиталните приходи, меѓу другото, и од продажба на државно земјоделско земјиште. Тоа е една новина, која е многу значајна, по можните реперкусии и очекувани остварувања на права пред сè на стопански но и на индивидуални субјекти. Ние во една прилика укажавме дека треба да се формира еден државен независен орган кој ќе располага со државното земјиште, рече Минов, кој истакна дека треба да се донесе нов закон за закуп и продажба на државно земјоделско земјиште.
Тој, меѓу другото, говореше и за зголемување на субвенциите за земјоделците.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Дајанчо Ефимов, реплицирајќи му на Минов рече дека неговиот говор бил како на пратеник од опозицијата.
– Пет години ги барате истите работи и не можете да ги остварите. Треба да побарате од некои ставки да се одземе и да се распределат средствата за проектите кои ги барате. Како на пример, парите предвидени за луксузни возила може да се пренаменат за она што го барате, рече Ефтимов, кој потенцира дека дел од тоа што го бара Минов и тие го поддржуваат.
Ефтимов рече дека не се согласува со констатацијата на Минов дека со овој буџет се предвидени повеќе капитални приходни, од продажба на земјоделско земјиште. Зголемувањето од претходната година е мало, односно од 20 милиони евра на 20,6 милиони евра.
– Во делот за исплаќање на суми спрема земјоделците, зошто не кажавте дека, поминаа седум месеци а средствата за тутунарите, предвидени со петтиот пакет, не се исплатени, забележа Ефтимов.
Тој меѓу другото рече дека е нереално што за капитални инвестиции се предвидени на 615 милиони евра, и оти лани ниту половината од парите не биле искористени за таа намена, туку биле пренасочени на други ставки.
Минов во контра реплика до Ефтимов му рече дека нема потреба од контра-реплика оти пратеникот реплицирал за нешто што тој не го кажал, туку имал однапред подготвен говор.
Продолжението на расправата за Предлог-буџетот за 2022 година на Комисијата за финансирање и буџет, ќе биде дополнително закажано