Судската разврска за трагедијата во модуларната болница во Тетово се очекува на 16 мај
Со завршни зборови од Обвинителството, одбраната и застапниците на семејствата на настраданите, денеска заврши главната расправа на повтореното судење за пожарот во модуларната ковид-болница во Тетово, во кој животот го загубија 14 лица на 8 септември 2021 година. Пресудата ќе биде соопштена на 16 мај од страна на судијата Реџеп Муса.
Мицкоски бара повторно отворање на случаите со модуларната болница, Беса транс и Дурмо турс
Обвинителството смета дека Флорин Бесими и Артан Етеми, во својство на тогашен директор и економски директор на Клиничката болница Тетово, како и самата болница како правно лице, треба да бидат прогласени за виновни за кривично дело Тешки дела против општата сигурност. Според обвинителниот акт, во моментот на пожарот во објектот немало противпожарни апарати, што било обврска на раководството на болницата.
Одбраната негира вина, семејствата ќе бараат правда преку граѓански постапки
Застапниците на семејствата на жртвите истакнаа дека иако не бараат оштета во оваа кривична постапка, правдата ќе ја бараат преку граѓански тужби. Тие дадоа целосна поддршка на ставовите на Обвинителството, оценувајќи дека одговорноста за трагедијата е јасна.
Спротивно на тоа, одбраната тврди дека Обвинителството не успеало да ја докаже вината. Адвокатот на Бесими нагласи дека неговиот клиент не го потпишал примопредавањето на модуларната болница и дека сведоци потврдиле оти во објектот имало противпожарна опрема. Адвокатот на Етеми побара ослободителна пресуда, со образложение дека обвинението не покажало конкретна одговорност на обвинетиот.
Судењето заврши без драматични пресврти, но исходот останува неизвесен. Судската одлука на 16 мај ќе биде клучен момент за многу семејства кои веќе речиси четири години чекаат правда.
Извор: СДК