Мицкоски: Проблемот со Онкологија ќе биде решен во текот на неделата
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во вечерашното интервју за „360 Степени“ на МТВ изјави дека проблемот со Онкологија ќе биде надминат во текот на оваа недела. Тој истакна дека завршува периодот на злоупотреби во кој омилената веледрогерија на претходната власт заработувала преку продажба на лекови по екстремно високи цени, на штета на пациентите.
„Во државата постојат закони кои мора да се почитуваат и процедури кои мора да бидат запазени. Апсолутно се согласувам дека секој осигуреник мора да добие правилна медицинска нега,“ изјави премиерот Мицкоски.
Тој потсети дека како опозиција честопати укажувале на неправилностите во Онкологија, вклучувајќи го и начинот на кој биле аплицирани лековите. Премиерот спомена дека пратеничката Рашела Мизрахи изработила извештај за ситуацијата, а дел од тие наоди веќе се предмет на истрага од страна на Обвинителството.
Завршува периодот на злоупотреби
Одговарајќи на прашањето зошто новата власт сè уште се навраќа на грешките на претходната, Мицкоски изјави дека е важно да се констатираат проблемите од минатото за да се преземат соодветни мерки.
„Ние мораме да ги констатираме овие проблеми, бидејќи сега ги решаваме. Најлесно ќе ни беше да продолжиме како и досега, негуваме и третираме една омилена веледрогерија, добиваме лекови на реверс по три до четири пати повисоки цени, без соодветна тендерска процедура. Но, ние спроведовме законски тендерски процедури и снабдувачите сега ги обезбедуваат лековите во согласност со законите,“ рече премиерот.
Тој нагласи дека со распределбата на буџетските средства кон здравствените институции, сите процедури биле запазени и дека за првпат нема да има злоупотреби и набавки на лекови преку реверси.
„Во текот на оваа недела, проблемот со Онкологија ќе биде целосно решен,“ потенцираше Мицкоски.