Ристоска е последна што има право да зборува за правда и етика

ВМРО-ДПМНЕ ја нападна Ленче Ристоска, поранешната обвинителка од пропаднатото СЈО, обвинувајќи ја дека токму таа е симбол на „моралниот пад на обвинителството“ и дека нема право да зборува за правда и етика.

„Ленче Ристоска, поранешната ‘ѕвезда’ на пропаднатото СЈО, последна има право да зборува за плати, правда и морал. Ако некој знае што значи ‘повисока плата’, тоа се токму тие што си делеа бонуси, награди и привилегии додека обвинителството им се распаѓаше под тежината на сопствените злоупотреби“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата потсетуваат дека јавноста добро се сеќава на времето кога, според нив, обвинителите на СЈО користеле службени картички, патувања и дневници „со ентузијазам обратно пропорционален од оној со кој работеа предмети“.

„Од обвинителство кое требаше да биде симбол на борба против криминалот, направија партиска испостава на СДС и ДУИ што соработуваше со луѓе од другата страна на законот“, се додава во реакцијата.

Времето на вистинска правда дојде

ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Ристоска денес се претставува како жртва, но според партијата, треба „конечно да им објасни на граѓаните колку точно бонуси и награди си исплатила во времето кога Македонија се гушеше во неправда“.

„Наместо да се преправа дека е жртва, подобро би било конечно да им објасни на граѓаните колку точно бонуси и награди си исплатила во времето кога Македонија се гушеше во неправда, а тие делеле правда со партиски аршин“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Со реакцијата, партијата заклучува дека „периодот на правда со дневница заврши“ и дека денес започнало време на „вистинска правда, без бонуси, без партиски заштити и без селективност“.