Захарова: Западот зборува за дипломатија и мир во Украина, но инвестира во војна
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, остро ги нападна Западот и НАТО, обвинувајќи ги дека со својата политика го спречуваат мирот во Украина, продолжувајќи со испорака на оружје и ширење на милитаристичка реторика.
– Ако Западот сакаше мир во Украина, веројатно ќе престанеше да им испорачува оружје, ќе престанеше да спонзорира терористички акти, и ќе се погрижеше режимот во Киев да не спроведува екстремистичка идеологија – изјави Захарова на брифинг, пренесе агенцијата „Тас“.
Таа додаде дека Западот не само што не покажува интерес за мир, туку „сè поагресивно зборува за испорака на оружје“ . Западот користи отворено заплашување врз сопственото население.
Захарова: Западот не покажува вистинска намера за деескалација
– Нема индикации дека Западот и НАТО некогаш навистина сакале да ги намалат тензиите околу Украина. Термини како „мировни преговори“, „дипломатија“, „деескалација“, никогаш не биле дел од нивната вистинска филозофија – рече Захарова.
Според неа, зголемувањето на буџетските придонеси на земјите-членки на НАТО за воена поддршка е „данок што им е наметнат“, што покажува дека не постои вистинска намера за мир.
– Очигледно е дека колективниот Запад не ја разбира вредноста на мирот, ниту се стреми да го воспостави во Украина. Сè укажува на спротивното – посочи Захарова.
Москва: Ние бараме вистински, не лажен мир
Захарова заклучи дека Русија досега покажала искрена волја за вистински мир во Украина, додека западните земји оперираат со симулации и изговори.
– Не квази-мир, не псевдо-мир, туку вистински мир – изјави Захарова, истакнувајќи дека Москва ќе продолжи да ги брани сопствените интереси преку дипломатија, но и ќе реагира на агресијата.