По обвинувањата од СДСМ дека опозицијата внела хаос во државата, ВМРО-ДПМНЕ возврати со остра реакција, посочувајќи дека токму поранешната власт на СДСМ е одговорна за состојбата во која се наоѓа Македонија.
Според ВМРО-ДПМНЕ, обидот на СДСМ да зборува за хаос е циничен, имајќи предвид дека, како што велат, тие оставија држава во урнатини. Опозициската партија смета дека сегашните проблеми не се нови, туку резултат на, како што тврдат, долги години на коруптивно, расипничко и клиентелистичко владеење на СДСМ и нејзините коалициски партнери.
- „СДСМ се собра да зборува за хаос?! Партијата што остави држава во урнатини?!“
Тие укажуваат дека здравствениот систем, за време на министерскиот мандат на Венко Филипче, бил претворен во алатка за местење тендери, а јавниот долг се зголемил за повеќе од 3 милијарди евра, без реализација на суштински инфраструктурни или економски проекти.
Дополнително, ВМРО-ДПМНЕ ги обвинува поранешните власти за сериозни безбедносни пропусти, економска криза, зголемена емиграција и широко распространета корупција. Според нив, за време на владеењето на СДСМ биле промовирани поединци поврзани со криминални кругови, додека државните институции биле запоставени.
„Додека се фотографиравте со луѓе од светот на дрогата и кокаин кумовите, граѓаните живееја во несигурни услови. Го урнавте стопанството, доведовте до егзодус од 260.000 граѓани и ги оставивте општините во финансиска немоќ. И покрај сето тоа, денес зборувате за хаос?“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата исто така наведуваат дека соопштенијата што ги испраќа СДСМ, особено за време на викенди, се напишани од млади, недоволно информирани партиски активисти кои, според нив, сè уште го следат култот кон поранешниот премиер Заев и екс-министерот Филипче.
„Време е да се соочат со реалноста“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи ја поранешната власт дека ја донела државата до работ на финансиски крах, ја заробила во мрежа на корупција и ја направила симбол за институционален хаос.
Во нивната реакција се споменуваат и трагичниот настан со модуларната болница, распространетото поткупување за административни услуги како изводи од матичната книга на родени, како и растечката инфлација и сиромаштија, кои според нив, се дел од вистинската слика на владеењето на СДСМ.
Во завршницата, ВМРО-ДПМНЕ ја критикува и надворешната политика на поранешната власт, наведувајќи дека францускиот предлог бил договорен со посредство на министерот за надворешни работи Бујар Османи, а СДСМ, според нив, ја изгубила самостојноста и го препуштила носењето на клучни одлуки на ДУИ.