Се ветуваа капитални инвестиции, инфраструктурни проекти, здрава животна средина, развој на културата и спортот итн. Денес на неколку месеци од истекот на мандатот на Коцевски можеме да констатираме дека сите овие години се само една празна црна дупка за градот.

Од ветените капитални проекти имаме реализација нула, ги нема ниту трговско деловен центар Градски пазар, катната гаража во Велес, за гасификацијата веќе и не се зборува. Немаме собирни канали за атмосферски води од горните улици на крајот, го немаме кејот, ја нема пречистителната станица, хидроцентралите, обиколницата итн, односно од вкупно 23 ветени капитални инвестиции имаме реализирано нула а повеќетo од нив требаше да започнат со реализација уште во 2018 година.

Граѓаните на Велес исто така беа изманипулирани преку проектите за развој на урбаните и месните заедници, но досега од 159те проекти гледаме само бледи ветувања и ништо друго. Одвреме навреме нешто ситно ќе се чепне колку да се каже дека нешто се работи.

Градоначалникот Коцевски со неговите советници и администрација последниот месец се будат од зимскиот сон и сакаат да покажат дека има некакви градежни активности кои за жал се далеку од она што го ветуваа и токму затоа се овие резултати на анкетите на МЦМС за најдобар градоначалник, каде нашиот има само 1,4 проценти рејтинг.

Нешто подобар Коцевски е во искористувањето на програмите Македонија пат, подружница Велес за рехабилитација на патиштата со 2,62 проценти вкупно за четири години.

После три години спиење тие се избориле за 15 милиони денари со кои сега се асфалтираат северниот и источниот влез на градот и тоа се претставува како некаков успех, а богами и успех е со оглед на тоа дека 2018, 2019 и 2020 година овие средства во нашата општина се нула денари.

За споредба општина Чашка за овие години искористила 232 милиони денари или 190 додека ние сме имале нула, општина Кавадарци искористила 82 милини денари или 27 додека ние сме имале нула, а Гевгелија 127 милиони денари.

Тоа е тој успех со кој се гордеат локалните власти.

Истото се случи и со распределба на средствата од ТАВ Македонија каде сите општини од регионот освен Гевгелија добија поголеми средства од Велес.

Во однос на распределување на средства за финансирање на проекти од областа на животната средина за 2021 година со вкупен износ од 65 милиони денари Велес повторно има нула. Иако имаме екологист претставник во законодавната власт, тие не успеа да се изборат за својот град да го направат подобро место за живеење.

Истите овие челници на СДСМ од Велес не успеа да се изборат ниту за Кеј, ниту за обиколница, ниту за мостовите од нивните програми за Башино село и Речани кои иако ние како опозиција пробувавме да ги вметнeме во Буџетот за 2021 година, тие не го подржаа тоа а нашата цел беше да се олесни теретот од буџетот на општина Велес.

За крај почитувани властодршци,

Најтопло ви препорачуваме да не трошите време во пишување на нови програми за претстојните локални избори и во ваш стил затоа што промовирате дигитализација без хартија, доколку сакате ние ќе ви ја доставиме вашата програма од 2017 година во електронска формата и водете се по неа, затоа што таа остана празна и нереализирана од почеток до крај.