Здружението на инженери на Македонија неформална група, која има формални барања, се обидува да биде гласен фактор во енергетиката. Блиските контакти до опозиционата Левица даваат и политички зачин на оваа неформална инженерска приказна која очигледно има големи амбиции или се работи за приказна која треба да подготви терен за некој друг?
Летово на социјалните мрежи неформалните членови на оваа неформална група се скараа меѓу себе. Имено, се спореше начинот на комуникација на еден од членовите које и портпарол на групава, Денис Мустафаоглу. Имено, Илија Бендевски, не само што јавно се огради од него, туку изрази сомнеж и за инженерската позадина на Мустафаоглу.
„Членот на нашата група, пензионираното воено лице (инаку многу активно) – Денис Мустафаоглу, подолго и систематски работи на узурпација на групата. Неовластено настапува во име на групата. Од кои причини тој самиот знае. Се известуваат медиумите дека тој не ја претставува групата. Ќе следуваат подетални информации“, напиша Бендевски.
Тој додаде и дека Мустафаоглу „од инженерство нема ни ден работно искуство“ и побара доказ дека тој има завршено Машински факултет. Мустафаоглу има и блиски конекции со Левица, член од неговата фамилија е член на советот на општината Ѓорче Петров од истоимената партија.
Сепак, и покрај внатрешните несогласувања и меѓусебно оспорување, Здружението на инженери на Македонија продолжува гласно да изнесува барања. Таргет се сметките на ЕВН, односно паушалните сметки. Тие тврдат дека дури и Уставниот суд треба да ја преиспита законитоста членот 31 од Правилата за снабдување со електрична енергија (Сл. весник бр. 172/18, 138/19 и 159/22) затоа што е во спротивност со член 185 став (2) од Законот за енергетика (Сл. весник бр. 101/25 и 135/25).
Сепак, од друга страна нема никакво „инженерско“ барање за паушалите на водовод и на ЕСМ за топлинска енергија. Паушалите сами по себе не се ништо спорно, оти тоа е износ кој е претпоставен врз база на историјата на потрошувачката и тие секако се порамнуваат.
Зошто фокусот на активноста на ова неформално здружение е само кон ЕВН можеме само да претпоставиме. Може да е подготовка на јавноста за некоја друга компанија која посакува дел од бизнисот на ЕВН, а може да е и политички интерес.