Во Македонија само една компанија е производител на масло за јадење „од нива до трпеза“, односно го преработува сончогледот, а тоа е „Благој Ѓорев“ од Велес , додека другите се увозници на нерафинирано масло за јадење и потоа го допреработуваат. И едните и другите ја најавија корекцијата на цената. Рафинериите за масло за јадење ја посочија високата цена на нерафинираното масло во странство, а од „Благој Ѓорев“ рекоа дека цената на сончогледот на берзите значително се зголемила, а дека е зголемена и цената на транспортот и на амбалажата.
– За жал, и покрај тоа што нудиме договорено производство со задоволителна цена, интересот кај нашите земјоделци за одгледување на сончоглед е мал, за разлика од некои поранешни времиња. Затоа, во мал процент е искористен и капацитетот на фабриката – изјави за „Слободен печат“ Румен Смилевски, сопственик на компанијата „Малина“, која е втор најголем акционер во „Благој Ѓорев“.
Она што е уште позагрижувачко се најавите од Организацијата за храна на Обединетите нации која соопшти дека „растот на цените на житарките и растителните масла ги повлекува со себе и другите типови храна, а растат и цените на земјоделските производи, затоа што жетвата годинава задоцни поради пан*емијата, а сега наеднаш има висока побарувачка“.